10 May 2011

Macedonian Idol - 09.05.2011!

LetZzz comments Macedonian Idol on 09.05.2011!
Која вечер! Вечер во која „заради Калиопи се пролеа солза“, вечер во која некои од кандидатите ја изгубија гордоста, вечер во која некои кандидати покажаа дека цело време гледаме „маска“ од нивната личност, вечер во која поголем дел од гледачите не се чувствуваа пријатно додека го гледаа концертот, вечер која, доколку не беа дуети, ќе беше комплетно фијаско! Едноставно, работите излегоа од оној колосек по кој се движеа до сега. Мислам дека голем дел од кандидатите, дел од жирито и организацијата, воопшто, загубија дел од кредибилитетот кој го имаа. Овој концерт е само доказ, дека со било каква лиценца, македонскиот менталитет ќе си остане таков каков што е!
Ќе почнам по ред. Прво да ги искоментирам водителите. Иако, на прв поглед изгледаа добро облечени, нешто не „штимаше“ и кај двајцата. Иванна имаше интересна комбинација на себе, меѓутоа, ако јас се прашувам, тоа е само лоша комбинација од одлични (засебни) парчиња. Слично и со Ненад. На прво поглед стајлингот дури и потсеќаше на она што Мартин Вучиќ го носеше на Евровизија! :/ Премногу бледи и пастелни бои на едно место. Во суштина не изгледаа лошо ни двајцата, ама можело многу подобро.
Во однос на нивната работа. Иванна, ко и до сега, си се глупираше поголем дел од вечерта и се обидуваше да е смешна, што најчесто не и успева. Ненад од друга страна, на овој концерт покажа дека знае што работи. На моменти беше приморан да импровизира и тоа, според мене, го направи одлично.
Жирито како повторно да си се врати на стариот концепт, според кој тие се во центарот на вниманието. Игор направи неколку добри „финти“ и не изнасмеја сите, особено со муабетот за Колумбо. Тони, како и обично, концизен, интересен, во свој стил. Изнесувањето на податоците од Facebook профилот на Виктор... типично за него. Според мене оправдано. И Калиопи. Леле Калиопи!!! Нé „напна“! Не научи кратко и јасно да го каже своето мислење. Цело време имам чувство дека се плаши дека останатата музичка критика ќе ги оспори нејзините одлуки! Еден мој пријател ми рече дека, според него, таа се става во функција на мајка, а не на член од жири, што е точно (од негова страна) и сосема погрешно (од нејзина). За неа ќе кажам уште една работа... на овој концерт, не знам за другите, ама сум сигурен дека загуби еден фан! Инаку, изгледот на жирито... Калиопи беше поубава пред да ја скрати косата, имаше коса која беше прекрасна, Тони постојано среден на последниве неколку концерти, сосема во негов стил. Искрено, од последниве неколку стајлинзи, најмалку половина би го облекол и на себе! ;) Игор... како да не се грижи за овој аспект! Кошула и палто не гарантираат добар outfit!
И само уште една работа, пред да почнам да ги давам моите коментари за настапите. Публиката! Сé додека работите не излегоа од контрола, се приметуваше дека без Кико, структурата на публиката е доста различна. Сеуште има „у-качи“ и секогаш ќе ги има, ама барем беа (само) малку покултурни!
Она што тука ќе го напишам, ќе биде, во суштина поостро и критично од претходните Blog-ови. Сметам дека сега и треба да се биде критички настроен, за да се направи разлика помеѓу некои работи кои досега требаше да бидат надминати.
01. Јана Бурческа (Немирна) - Јана имаше ОК интерпретација. Типично во нејзин стил, иако по некој фалш во високите тонови имаше и не беше тешко да се приметат. Сепак, сметам дека направила правилен избор со избор со песната. Тоа не случај со стајлингот. Фустанот беше сосема утнат! „Немирна“ и бездомник не се иста работа! „Исцепаните“ долни делови на фустанот ми беа страшни.
Косата одлично и прилегаше, меѓутоа мислам дека премногу млада за вакви фризури. Шминката - прејака! Таа е млада и нема причина зошто да се користи во толкава количина. Во однос на сценските движења, искрено, познавајќи ја Јана на сцена, очекував да биде понемирна, на било кој начин. Дури и фацијален израз ќе беше доволен! Ама не го добивме.
02. Дејан Јованов (По навика) - Тоа со CD-то воопшто не ме импресионираше. Веќе видовме нешто такво, во многу подобра изведба, со Јуле. Без него, целиот outfit многу повеќе ќе ми се допаднеше. Исто, навистина не ми е јасно, кој е линкот помеѓу Бени (и Нон Стоп) и CD, кој е симбол за поп музиката. Сметам дека овој аспект е утнат! Доколку баравте некој да ја испее песната (речиси) идентично како оригиналот, веројатно сте задоволни. Ама јас не сум. Интерпретацијата беше обид идентично да се испее песната како оригиналот. Каде е она индивиуалното? Не се потрудил да остави нешто свое во пеењето на оваа песна.
И низ целиот настап ми фалеше „она“ за да ја почувствувам песната, како што е тоа случај со Бени или некои други луѓе кои ја пееле. Мислам дека ја избрал песната за да ја испее, а не за да ја пренесе емоцијата на истата. Сценските движења (или однесувањето на сцена, како сакате) е дефинитивно најслаб сегмент во настапите на Дејан. Многу безлично и без никако фацијален израз ја изнесе песната. Не се соживеа со неа, а знаеме дека ако емоцијата е вистински пренесена и лоша песна може да звучи/изгледа добро.
03. Мики Секуловски (Ако не те сакам) - Она што Мики одлично го прави, а мене особено ми се допаѓа, е тоа што, секогаш кога пее, песната звучи различно од оригиналот. И тоа не се должи само на неговата специфична боја на глас. На моменти како да очекував дека ќе ја „испаче“ песната до крај. Како тој самиот да ја напишал... така ја пренесе емоцијата! Outfit-от сосема во склад со песната. Тоа е само доказ дека понекогаш и класичните парчиња надополенти со добар аксесоар, како што тоа беше во овој случај, се полн погодок! За Мики може уште да се каже дека е репер, не само за кандидатите на Идол, туку за некои други „афирмирани“ (намерно нови наводници) „пејачи“ на нашата естрада!
По настапот на Мики, еден многу интересен момент на концертот - палмите. Искрено, верувам дека голем дел од гледачите го подзаборавиле моментот кога Ненад ги спомена, ама секоја чест за идејата! Малку сатира/иронија од страна на гледачите е секогаш добредојдена! Иако имаше политички мотиви позади овој чин, мене ми беше особено смешно! :D
04. Билјана Ѓошева (Слатка горчина) - Како да ја почна да ја враќа самодовербата. Фацијално ја пренесе емоцијата на песната, телесно ритамот. Таа е родена за да биде на сцена! Иако имаше слаби моменти, сметам дека солидно ја испеа песната. Меѓутоа, се сложувам со жирито дека можела да одбере многу подобра песна. Стајлингот -утка! Поголема од онаа со зелениот фустан. Ниту моделот, ниту боите, ниту величината на овој фустан не и одговараа. А фризурата... како „фризура од минатата ноќ“, после спиење! :/ Можело многууу подобро!
И тука, според мене, првиот момент кога жирито почна да прави глупости. Билјана ја „срамнија со земја“. Кога таа имаше многу послаби настапи од овој, ја фалеа „на велико“, а сега... Од друга страна, некои кандидати постојано добиваа комплименти, а воопшто не ги заслужуваа. Немој да ме сфатите погрешно, ова не го пишувам поради тоа што Билјана ми беше еден од фаворитите, јас очекував таа да испадне и порано, но ако важат извесни критериуми, нека важат за сите! Уште за време на овие коментари, јас бев свесен дека таа ќе си оди дома.
05. Иван Раденов (Лебедот бел) - Иако одлично ја испеа песната, неговата најава дека ќе се сконцентрира на емоциите „падна во вода“. Мене лично, воопшто не ми ја пренесе емоцијата, фацијалните изрази, во голема мера, не кореспондираа со текстот... Од друга страна стајлингот ми се допадна. Иако, „розите“ на почетокот не ми беа омилени, во целина се вклопија во стајлингот. Ама ни тој не беше перфектен. На целата таа елеганција, стилистот го оставил Иван во патики! Катастрофа! Ако се обидувате да презентирате елеганција, останете доследни до крај!
По овој настап, уште еден „испад“ на жирито, да не речам Калиопи! Ако веќе прифатила да биде член во жирито требала прво да ги прочита правилата! Не е ова Facebook account, па само да ги штиклирате правилата! Таа се стави над правилата и хиерархијата на Идол со тоа што побара уште еднаш да се отсвири песната! Она што најмногу ме изнервира од сево ова, е тоа што на Иван „му купија поени„ со оваа глупост! Подоцна добив коментари, од неколку пријатели, за тоа како муабетот (парафразирано) „...тоа и мене ми се има случено, а не пак...“ од страна на Иван беше сосема непотребен. „Паѓаат маските“ кои ги поткрепуваат шпекулациите и „трач рубриките“ за Иван, или мене тоа ми се причинува? :/
06. Виктор Апостоловски (Сонце не ме грее) - Иако, јас лично, би одел одел со похрабар избор на outfit, сметам дека оваа комбинација одлично му прилегаше. Имам чувство, дека кој и да ги работи овие работи за него, постојано ја влече инспирацијата од интерпретаторот на песната која тој треба да ја пее. Според мене, сосема погрешен пристап! Интерпретацијата на ниво! Сосема погодена песна, навистина одлично му прилегаше. Она што мене ми беше интересно е дека, и покрај тоа што има многу сличен вокал со оној на Влатко, интерпретацијата не звучеше индентично. Беше интрактивен со публиката во најправилниот момент, што, исто така, ми се допадна. Она што ми фалеше, беше фацијалната експресија, која за оваа песна требаше да биде „must have“, ама тој некако не ја долови. Се смешкаше додека пееше - нешто што не го разбрав...
После овој настап, Тони докажа дека не ги остава работите на случај, туку се информира! Иако, на прв поглед целиот муабет околу тие Topic-и на Facebook профилот на Виктор изгледаше како да напад затоа што Виктор јавно го кажал своето мислење за тимот, воопшто, на крај сфативме сите дека се работи за неговото его. Не е прв пат да имам чувство дека Виктор се става „над другите“, сега веќе и над жирито, да не зборувам за кандидатите, но сето ова само ја „подгреа“ целата оваа ситуација и во јавноста. Трачевите кои кружеа за Виктор тој самиот, наместо да ги прикрие, само ги нагласи. Како и да е, неговата публика е премногу млада, да не речам мала, за да го разбере ова.
Искрено, сметав дека со „дуплите настапи“ (мислам на принципот секој кандидат да настапи 2 пати на еден концерт) ќе се започне од наредната недела, па идејата за дуети особено ми се допадна. Сите знаеме колку тие дуети понекогаш се битни за кариерите на пејачите, особено кога се „вистински“, а не само професионални и насочени кон профитот. За волја на вистината, да не беа дуетите, ќе немаше што позитивно да се искоментира за овој концерт.
01. Билјана Ѓошева и Дејан Јованов (It's only love) - Искрено, на почетокот не ми се допадна идејата што Билјана ќе ја дели сцената со Дејан, ама тие ми докажаа дека грешам. Иако на моменти имав чувство дека Дејан „на сила“ ја испеа песната, сепак треба да се напомене дека истата не е лесна за интерпретација.
Одлично си ја сработиле работата, беа енергични на сцена, вистински дует. Додека пееја беа свртени еден кон друг, што кај ваквите дуети е задолжително, ако сакате да изгледате добро. Билјана на моменти, со нозете и играше како Tina Turner што прво ми беше смешно, па слатко. За стајлингот тука, ќе речам само дека делуваа компактно заедно. Без не знам какви решенија, а сепак солидно! Она што особено ме освои, е што, барем за крај, ја видов уште еднаш онаа Билјана која ја обожавав на сцена! :)
02. Јана Бурческа и Иван Раденов (You're the one that I want) - Прво нешто што го забележив кога ги видов на сцена, беа нозете на Јана! :D Звучи смешно, ама сепак сум машко! Кој сексипил! Иако камерата одбегнуваше да ги прикаже моментите кога Јана не го контролираше фустанот, верувам дека на првите редови им било, и тоа како, забавно! :P Во целина, двајцата изгледаа како модерна верзија на ликовите од Брилијантин.
Иако Јана ми звучеше како да пее малку повисоко, ми звучеа одлично... барем онолку колку што песната дозволува. Сценскиот настап... конечно видовме такво нешто за брза песна! Иако ја утнаа кореографијата (ако сте гледале внимателно, веројатно, и вие сте приметиле), имаа одличен концепт! Супер настап!
03. Мики Секуловски и Виктор Апостоловски (Don't let the sun go down on me) - Не ми беше јасно што ќе прават овие двајца на сцена, како ќе пеат, како тоа ќе изгледа и особено како тоа ќе звучи. Епа на сцена си „оставија простор“ еден за друг, а во целина пак изгледаа компактно.
Пеењето едноставно звучеше одлично! Едниот пее високо, другиот ниско... едноставно одлично. Иако кај машките дуети, обично стајлингот на интерпреторите не се „врзува еден за друг“, овој пат сосема спротивното. Класични парчиња, индивидуално, фино склопени, различни еден од друг, а сепак компактни. Вакви комбинации, особено, ми се допаѓаат!
По овој настап, Калиопи повторно го „презема кормилото“! Не успеа да се одлучи дали сака да биде строга или она спротивното! Како да и беше страв што нејзините фанови ќе мислат за неа, после оној „напад“ врз Виктор, па се предомисли и дури и му извини!!! Епа, баш заради тоа што ми остави впечаток дека не знае како да си ја сработи работата како член на жирито, не знае да се одлучи кој пристап да го користи, тотално ме извади од контрола! Или биди Simon Cowell или биди Мајка Тереза, како што беше до сега... а не и двете и тоа на ист концерт! :/
По паузата, ги видовме номинираните. Дејан, за кој, од тоа што можев да го приберам како информација од моите пријатели на Facebook, сите очекуваа (и посакуваа) да си оди, Јана, „најслаткото суштество што се појавило на Идол“ (според Игор) и Билјана. Јас знаев кој си оди, па не се ни зачудив. Јана, како и до сега, ја вратија назад, одлуката беше Дејан или Билјана. Мојата Lady B си замина.
Што по целиов овој концерт? Јас намерно вчера не го пишував ова, затоа што сакав малку да „ја спуштам топката“. Ама денеска сум подеднакво исто револтиран како и вчера. Ни една работа не можеме да ја направиме без „скандали“! Патетика колку ви душа сака, „платени“ гласови, изјави од родители како целиот процес е „наместен“... бла бла бла! Сметам дека од овој концерт загубија сите. Организацијата потфрли, имаше технички проблеми, заради кои дури и пред првиот настап на Билјана бевме пратени на „кратка пауза“. Потфрли бендот, сигурно не намерно, ама ете се случи. Потфрли жирито. Освен Тони, другиве двајца ме нервираа поголем дел од вечерта! Потфрлија и најголем дел од кандидатите (не зборувам за дуетите)! Можеби најдобро ќе беше овој концерт воопшто и да не се случеше! :/
Што да очекуваме од шоуто понатаму? Сé! Ќе има драма, ќе има патетика, ќе има солзи... И нека има! Кога веќе квалитетот се сведе на минимум, барем ќе гледаме „шпанска серија“! Искрено, дури сметам дека некои кандидати, кои Господ само знае како поминуваат цело време, на крај ќе влезат во финале, а други, кои според мене заслужуваат, не! И тоа можам да го очекувам! Искрено, жал ми е што постојано знаењето кое кандидатите требаше тука да го добијат беше ставано во последен план. Сеуште се без танчери, на неколку концерти до крајот, без ниедна подготвена кореографија! Во Македонија има доволно „статични“ пејачи, ни треба нешто друго. Не приметувам дека некој ги советува како да се однесуваат на сцена, како зад сцена, како пред новинари... како да го одделат својот приватен од професионален живот. Не приметувам ефекти од туѓ професионализам врз нив, што е жално!
За крај само ќе кажам дека се надевам дека моето разочарување не е само мое, затоа што во спротивно, тоа ќе значи дека живеам во земја со „слепи“ луѓе! Им посакувам сé најдобро, на најдобрите 5 понатаму! Се надевам дека наредниот Blog ќе биде многу поведар од овој... од срце!
CommentZzz anyone? WhatZzz your opinion?
P.S. Фотографиите и овојпат се преземени од fun.mnogoo.mk!

No comments:

Post a Comment